Анкета

Пашања:

  1. Во која држава студираш?
  2. Што мислиш за средното образование во Македонија?
  3. Зошто се реши да студираш надвор, а не во Македонија?
  4. Како си задоволен/на од досегашното студирање во странство?

Одговор 1:

  1. Италија
  2. Сметам дека средното образование во Македонија не дава доволно добра основа на средношколците
  3. Се решив да студирам надвор за да имам повеќе опции за работа
  4. Од моето досегашно искуство сум презадоволна

Oдговор 3

  1. Германија
  2. Не е најлошото образование на светот, нешто што според мене е најголем минус е мотивацијата кај професорите да ги мотивираат учениците. Пред сѐ, тие се таму да го пренесат своето знаење на нив, но нажалост има многу на коишто тоа не им е приоритет. Имав среќа да учам во многу добро приватно средно училиште, каде бев мотивирана да истражам подобро во што сум добра и што навистина сакам, така од доста рано знаев во која насока би се ориентирала на факултет и општо во кариерата.
  3. Затоа што иако моето поле на студирање е доста компетентно и образованието во тој смер не е воопшто лошо најдов универзитет што ми дава подобро образование и повеќе животни искуства. Ми помогна да се осамостојам, живеам на кампус со над 1000 други студенти, што е нешто многу убаво и што никогаш немаше да го проживеам во Македонија. Како студент, веќе работам во многу значаен центар за истражување што многу значи за мене, моето знаење, искуство и уште безброј други позитивни работи што би можела да ги набројам. Освен приликите што ми се нудат на образовно поле, мојот „престој“ тука е исто така влијателен на мојот живот општо. Накратко, ми се пружија шанси што никогаш немаше да ми бидат пружени во Македонија и иако некогаш е предизвик за да успеам во нешто, сепак задоволството на крај е незаменливо.
  4. Јас сум презадоволна. Нормално, понекогаш сакам да трепнам и да се вратам, да си бидам на познато тло, со фамилијата и пријателите, во местото што секогаш ќе ми биде „дома“, но тоа не може да го поништи фактот колку сум среќна што сум тука.

Одговор 4

  1. Словенија
  2. Средното образование не е добро, има многу пропусти
  3. Затоа што има многу подобри услови и подобри факултети надвор од Македонија, а државата одма ми нуди вработување.
  4. Презадоволен, многу подобро од очекуваното.

Oдговор 5

  1. Велика Британија
  2. Средното образование во Македонија си го има(ше) својот шарм… Реформи се/беа секако потребни, меѓутоа тоа што јас го искусив како обид за подобрување на образовниот систем резултираше во демотивирање и на професорите и на учениците, односно на пренасочување од пренесување знаење во учење 300 изјави по еден предмет. Дали кога ќе снема прашања за екстерно после некоја година професорите ќе почнат да ги предаваат само прашањата кои почнале веќе да се вртат во круг?
  3. Искрено, првично бидејќи смерот ми е специфичен и нашиот Универзитет не го нуди како опција (што не сметам дека му е маана). Второ, го сметам ова како инвестиција во кариера, без разлика дали таа ќе е во Македонија или надвор. Трето, некој (при сет здрав разум) смета дека испитите на универзитетските професори во Македонија не се доволни и дека студентите треба да бидат и понатаму тестирани со испити кои нема да ги составуваат самите професори, ама ќе бидат на повисок ранг од првиве.
  4. Немам баш со што да го споредам. Од личниот успех сум задоволна, се надевам и понатаму се ќе продолжи да се одвива по најдобар ред. Ми фалите сите, ама ќе дојдам во декември.

Одговор 6

  1. Шведска
  2. Средното образование дефинитивно треба да има реформи, но овие реформи кои пробува да ги наметне МОН го имаат токму спротивното дејство. Учениците и професорите се множат со нула, нивниот труд паѓа во вода со само неколку клика и ретки се тие професори кои го ценат вистинскиот труд и работата на ученикот по нивниот предмет.
  3. Заминав не од што сакав да ги напуштам пријателите и семејството и сѐ што сум градела тука. Сакав да се стекнам со знаење, позитивни искуства и некој да го цени тоа што јас го правам.
  4. Шведска нуди одлични можности, пресреќна сум што сум дел од нивниот образовен систем. Се стекнав со многу пријателства и доживеав неповторливи искуства.

Одговор 7

  1. Франција
  2. Образованието во средно не е толку лошо, можеби зошто бев во билингвалната паралелка која понуди некои можности плус од обичната, ама дефинитивно не беше тоа што требаше да го добиеме и тоа што го очекував.
  3. Затоа што мислам дека дипломата што ќе ја добијам во странски универзитет ќе вреди многу повеќе за понатаму отколку таа што би ја добил на македонскиот универзитет
  4. За сега сум презадоволен и поголемиот дел од моите очекувања се исполнети, но секогаш има место за подобрување. Дури и во странство не е сѐ како под конец,

 

Одговор 8

  1. Холандија
  2. Со тоа што имав можност да учам и во државно и во интернационално средно училиште, увидов дека програмата во државните средни училишта е премногу обемна и без структура. Учебниците содржат премногу информации напишани на тешко разбирлив јазик, учениците се преоптоварени со премногу предмети, а премалку време за изучување на истите, професорите не употребуваат креативни методи што резултира со немотивирани ученици, недостатокот од администрацијата го прави училишниот психолог –секретар, кој е недостапен кога на ученикот му треба помош. Дотокот на информации е исто така ограничен. Училиштата не соработуваат со голем број интернационални образовни институции. И нешто што отсуствува во секое државно училиште во нашата земја, а се наоѓа во 80% од останата земјина топка е училишен сооветник, човек кој помага во процесот на одбирање кариера, високо образование, кој те насочува и информира.
  3. Решив да студирам надвор од мојот дом од повеќе причини. За почеток, поголемиот процент од народот сме свесни за квалитето на високото образование во Македонија. Недостаток од материјали, корумпиран кадар, процентот на невработеност и валидноста на дипломата која би ја добила се само дел од причините кои ме натераа да си одам.
  4. Студирам на еден од највисоко рангираните факултети во светот и сум повеќе од задоволна. Нивото на организираност е неверојатна, а притоа не сретнуваш луѓе со намрштени лица, нервозни поради фактот дека имаат многу за работа. Средината, културата, диверзитетот на луѓето, богатата библиотека, позитивата и пристапот на луѓето кои се задолжени за предавањата ме мотивираат постојано да работам. Многубројните опции за стажирање и различните настани организирани од целиот град им овозможуваат на младите да се чувстуваат ценето, креативно и успешно.

 

Одговор 9

  1. Велика Британија
  2. Сметам дека е многу далеку од она што би требало да биде. Има толку многу недостатоци што е невоможно сите да ги наведам тука, но еве некои:

Комплетно потиснување на критичката мисла (диктира ШТО да се учи, а не КАКО), не постои основен кодекс на однесување за професорите како педагози при што учениците се оставени на нивна милост и немилост(тука го вклучувам и индививуалниот начин на оценување, кој кај повеќето е мошне дискутабилен) и конечно мерката со која овој проблем би требало да се искорени- екстерното тестирање кое, повторно, не соодветствува по никој однос на нашето, а сигурна сум дека не би било апликабилно ни во ниедно од другите, поразвиени образованија ширум светот.

  1. Поради горенаведените причини, како и лошото високо образование (особено во струката која ме интересира) и конечно, бидејќи во оваа држава нема просперитет, не само на образовен план
  2. Повеќе од задоволна, стандардите се далеку повисоки во секој поглед, од услугите за студенти што се нудат, до начинот на предавање и совладување на знаењето, опремата и условите за работа.

 

Одговор 10

  1. Холандија
  2. Не сметам дека сум способен да одговорам на ова прашање бидејќи целото основно и средно образование го поминав во меѓународни училишта. Задоволен сум од моето досегашно образование ама секако дека има големи разлики помеѓу моето и на другите искуството
  3. Затоа што сакав да студирам на попрестижен универзитет и исто така да си најдам нов предизвик, во нова средина. Економската ситуација во Македонија е, да не се лажеме, лоша, а затоа сакам својата иднина надвор од државата, студирањето во странство е дефинитивно посигурен чекор кон таа цел
  4. Презадоволен, и од академски и од социјален аспект. Предавањата и наставата тука се одлични, и иако не можам од лично искуство да го споредувам образованието тука со тоа во Македонија, од тоа што ми го кажуваат моите пријатели дома, сигурен сум дека сум направил добра одлука. Секако дека на моменти ми фали дома, ми фалат пријателите и семејството, ама сепак среќен сум што сум тука. Исто така, на почеток (сега сум втора година) имав проблеми со наоѓање друштво и општо снаоѓање во новата средина, ама и тоа помина со текот на времето и сега имам одлични другари.

Напишете коментар